ВМРО-ДПМНЕ јавно го повика Јавното обвинителство да постапи по обвинувањата што лидерот на СДС, Венко Филипче, ги изнесе против пратеничката и екс-министерка Славјанка Петровска за наводен криминал тежок 37 милиони евра.
На денешната прес-конференција, портпаролот на партијата, Валентин Манасиевски, истакна дека станува збор за сериозен скандал кој не смее да се игнорира.
„Венко Филипче на вчерашната прес-конференција откри и потврди скандал каде што има основен сомнеж за криминал. Тој изјави, цитирам: „Славјанка Петровска потпишала за 37 милиони евра поскап договор за набавка на хеликоптери, откако комисијата донела друга одлука“, потсети Манасиевски.
Тој додаде дека партијата го поддржува Филипче да продолжи да зборува и очекува ЈО итно и неодложно да отвори предмет по допрен глас, со цел да го сослуша пратеникот за сите детали поврзани со овој случај.

