Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска соопшти дека разговорите со Европската комисија резултирале со „добри резултати“ во обезбедувањето средства за финансиските и одбранбените потреби на Украина за оваа и за следната година.
Додека војната со Русија навлегува во петтата година, а трошоците за одбрана продолжуваат да растат, Киев се соочува со значителен финансиски недостиг. Според украинските претставници, на земјата ѝ недостигаат 27 милијарди долари за финансирање на одбранбените потреби во 2026 година, додека за 2027 година ќе бидат потребни дополнителни 32,6 милијарди долари за покривање на буџетскиот дефицит.
„Се договоривме за формата, временската рамка и за сите чекори што се неопходни за обезбедување целосно покривање“, напиша Зеленски на апликацијата Телеграм.
Во заедничкото соопштение на Европската комисија и Украина се наведува дека се утврдени мерките за покривање на буџетските и одбранбените потреби на земјата во 2026 година.
„Денеска, благодарение на координираните заеднички напори, ги утврдивме мерките за покривање на буџетските и одбранбените потреби на Украина за 2026 година“, се наведува во соопштението.
Во однос на 2027 година, двете страни се договориле да дејствуваат брзо за доделување 45 милијарди евра од заемот за Украина, согласно со претходно утврдените услови.
„Ќе започнеме со работа и на утврдување на дополнителните буџетски и одбранбени потреби“, се додава во заедничката изјава.
Од Киев и Европската комисија истовремено порачаа дека и останатите партнери треба да ги исполнат своите финансиски обврски и да ги засилат напорите, имајќи ги предвид предизвиците со кои се соочува Украина.
Зеленски им се заблагодари на европските партнери за поддршката и информираше дека во тек се подготовки за дополнителни мерки насочени кон зајакнување на Украина.

