Жителите на Пинтија синоќа остварија отворена средба со градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска и претставниците од општинските сектори, во рамки на продолжувањето на циклусот теренски посети низ месните и урбаните заедници во општината.
На средбата најпрво беа евалуирани досегашните активности, при што граѓаните го поздравија асфалтирањето на улицата „Саса“, редовното одржување на хигиената и зелените површини, како и завршувањето на новата зграда на урбаната заедница. Во фокусот на дискусијата се најдоа комуналните потреби и сообраќајната безбедност, па така жителите побараа поставување семафор на крстосницата од булеварот „Борис Трајковски“ со улицата „Саса“, уредување на автобуските постојки со настрешници и клупи, како и асфалтирање на крак од улицата „Саса 14/3“.
Меѓу клучните барања беа и нивелирањето на легнатите препреки, поставувањето засилено осветлување во паркот и на детското игралиште, како и збогатување на реквизитите за најмладите. Од општинската администрација информираа дека сите забележани предлози ќе бидат дел од идните планови за решавање на приоритетите во населбата.

