Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, најави разрешување на директорот и на Управниот одбор на националната установа „Македониум“ во Крушево, по острите реакции во јавноста предизвикани од снимањето на видеоспот за песната „Секси мама“ во рамките на споменичниот комплекс.
Одговарајќи на новинарски прашања за време на пуштањето во употреба на реконструираниот Студентски дом „Стив Наумов“, премиерот истакна дека станува збор за недозволен пропуст:
– Ги следев тие реакции. Навистина, тоа што се случило претставува нешто што не требало да се случи. Ќе побарам од министерот за култура директорот на „Македониум“ да биде разрешен, заедно со Управниот одбор, бидејќи таков тип институции не треба да бидат изнајмувани за такви намени.
Премиерот Мицкоски упати и јавно извинување до граѓаните поради настанатата ситуација, нагласувајќи дека државните институции нема да дозволат повторување на вакви слични скандали.

