Радарскиот систем за надзор на Министерството за национална одбрана на Романија изминатата ноќ детектираше воздушна цел која се движела источно од градот Измаил во Украина, во близина на речната граница со Романија.
Поради ситуацијата, два ловци Ф-18 на шпанските военовоздухопловни сили, кои се ангажирани во мисија за воздушна полиција, беа кренати во воздух за следење на развојот на настаните, пренесе агенцијата Аџерпрес. Истовремено, до населението во северниот дел на округот Тулча беше упатено итно предупредување преку системот „Ро-Алерт“ во 00:35 часот по локално време.
Од романското Министерство за национална одбрана потврдија дека не се регистрирани упади во романскиот воздушен простор, а воздушната опасност по неколку часа беше официјално укината.

