Вчера во Скопје се обратив на отворањето на новото издание на „Европски дијалози“, во организација на Францускиот институт и Амбасадата на Франција, како дел од програмата „Споделени хоризонти“. Ова го напиша министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски на Фејсбук.
-Истакнав дека во време на крупни геополитички, економски и технолошки промени, Европа има потреба од нови идеи, посилни партнерства и активно учество на младите генерации.
Нагласив дека проширувањето на Европската Унија со земјите од Западен Балкан денес не е само инвестиција во стабилноста на регионот, туку стратешка инвестиција во безбедноста, силата и иднината на Европа.
За нас, членството во Европската Унија останува стратешка определба. Европската интеграција треба да го трансформира нашето општество, да ги зајакне институциите и да создава повеќе можности за граѓаните, но не и да го трансформира нашиот национален идентитет.
Европската перспектива мора да остане кредибилна, предвидлива и заснована врз заслуги. Историјата е важна, но различните толкувања на минатото не смеат да ја ограничуваат нашата заедничка иднина.
Младите заслужуваат Европа во која границите значат помалку, можностите значат повеќе, а различностите се почитуваат и се претвораат во сила, напиша тој.

