Зимското сметање на времето годинава, според одлуката на Европската комисија, ќе почне на 25 октомври кога стрелките на часовникот ќе се вратат од 03.00 на 02.00 часот, додека летното сметање на времето во 2027 година ќе започне на 28 март и ќе заврши на 31 октомври.
Распоредот е изготвен врз основа на важечките правила, така што тоа не значи дека промената на часовникот дефинитивно ќе остане до 2031 година. Доколку во меѓувреме се донесат нови регулативи на ЕУ, промената двапати годишно би можела да се укине порано.
Поместувањето на часовникот за еден час наназад, со преминувањето на зимско сметање на времето, за многумина значи дополнителен час сон, но промената може привремено да влијае и врз организмот.
Најчеста последица е нарушувањето на вообичаениот ритам на спиење. Иако формално се добива еден час повеќе за спиење, на телото може да му биде потребно време за да се приспособи на новиот распоред.
Во првите денови можно е да се појават поголема поспаност, замор и потешкотии со будењето. Кај некои луѓе може да има и намалена концентрација, раздразливост и промени во расположението.
Промената на времето може да влијае и врз секојдневните навики, како времето на јадење, физичката активност и времето поминато на дневна светлина. Особено значајно е тоа што по поместувањето на часовникот сонцето заоѓа порано, па попладневните часови стануваат потемни.
Кај луѓето кои и претходно имаат проблеми со спиењето, прилагодувањето може да биде потешко. Нарушениот сон може дополнително да придонесе за замор и потешкотии со концентрацијата во текот на денот.
Сепак, кај повеќето луѓе организмот постепено се навикнува на новиот распоред. За полесно прилагодување се препорачува редовен распоред на спиење, изложување на дневна светлина во текот на утрото и избегнување на доцно легнување во деновите околу промената.
Дел од земјите на ЕУ со години предлагаат да се укине летното и зимското сметање на времето. Европскиот парламент во 2019 година усвои нацрт-закон за укинување на зимското и летното сметање на времето во 2021 година, но тоа беше одложено до понатамошно известување бидејќи земјите-членки не можеа да се договорат за тоа кое време треба да се задржи.
Според правилото на ЕУ кое го прифати и Македонија, летното сметање на времето почнува последниот викенд од март, кога во 02.00 часот стрелките се движат напред на 03.00 часот, додека зимското време почнува во последниот викенд од октомври, кога во 03.00 часот стрелките се враќаат назад на 02.00 часот.

