Со изведување на материјалните докази од страна на Јавното обвинителство денеска во Основниот кривичен суд Скопје продолжува судењето за предметот „Државна лотарија“. Меѓу обвинетите се поранешниот прв вицепремиер Артан Груби и поранешниот директор на АД „Државна лотарија“, Перпарим Бајрами.
На претходното рочиште Обвинителството презентираше обемна документација поврзана со основањето на заедничко друштво со странски партнер, владини одлуки и финансиски трансакции поврзани со набавката на видеолотариски терминали (ВЛТ).
Во судницата беа презентирани и Програмата за работа на АД „Државна лотарија“ за 2023 година, договор за дело, како и мислење изготвено од овластен проценувач за вредноста и исплатливоста на вложувањето во видеолотариски терминали.
Обвинителството презентираше и информација доставена до Генералниот секретаријат на Владата за потребата од самостојно приредување електронски игри на среќа, заедно со анализа на пазарот.
Како докази беа изведени и материјали поврзани со 158-та владина седница, одржана на 6 јуни 2023 година, меѓу кои предлог-дневниот ред, стенографските белешки, записниците, владините заклучоци и одлуката за одобрување на работењето на Управниот одбор на лотаријата, како и мислењето од Министерството за финансии.
Меѓу материјалните докази се и девизни налози, банкарски изводи од Халк банка, аналитички картички за економските оператори „Еврогамес технолоџи“, „Синот“ и „Шпедиција МКД“, како и повеќе формулари за реализација на фактури, сметки и испратници за набавените апарати.
Покрај Груби и Бајрами, во предметот се обвинети и Башким Авди, Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски и Александар Димитриоски.
Според обвинението, тие се товарат дека со пречекорување на службените овластувања предизвикале штета на АД „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари.
Сите обвинети во досегашниот тек на постапката се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за делата што им се ставаат на товар.
Обвинението го застапуваат јавните обвинители Даниел Коцев и Александар Давчевски, а судењето го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.

