Министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа учествуваше на втората министерска средба за вода на Унијата за Медитеранот (UfM) во Рим, каде што ја истакна потребата од посилна регионална соработка во справувањето со климатските предизвици.
На средбата, на која учествуваа земји од евро-медитеранскиот регион, Хоџа посочи дека сушите, поплавите и загадувањето бараат заедничка и координирана реакција, особено во прекуграничните речни басени.
Тој нагласи дека водните ресурси треба да се разгледуваат интегрирано, заедно со енергетиката, земјоделството и заштитата на животната средина, а како важен фактор го посочи и процесот на дигитализација.
Според Хоџа, преку евроинтегративниот процес земјава ги усогласува националните политики со европските стандарди, со фокус на подобрување на третманот на отпадните води и зголемување на климатската отпорност.
Министерот оцени дека за реализација на овие цели се потребни значајни инвестиции, одржливо финансирање и мобилизација на домашни и меѓународни ресурси.
Хоџа изрази поддршка за Министерската декларација за вода и Римската иницијатива и порача дека земјава е подготвена за активно партнерство со земјите од регионот и претворање на стратешките обврски во конкретни проекти.

