Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврди дека во периодот од 2020 до 2024 година не биле воспоставени доволно ефективни мерки за зголемување на учеството на жените на лидерски и раководни позиции во органите на централната власт.
Иако жените сочинуваат 57,5 отсто од 110.885 вработени во јавниот сектор, на раководните позиции почесто се именуваат мажи, констатира ДЗР во ревизијата „Жени лидери – жени во политиката, Собранието и на раководни функции во органи на централната власт“.
Ревизијата покажува дека законската квота има позитивен ефект врз застапеноста на жените во Собранието. Во периодот 2007–2024 година нивното учество се движело од 30 до 43 проценти, а во 2024 година изнесувало 39,2 проценти.
Сепак, од осамостојувањето до денес ниту една жена не била избрана за претседател на Собранието. Во актуелниот состав има една жена потпретседател.
Поинаква е состојбата во извршната власт. Во Владата за периодот 2024–2028 година, од 20 министри со ресор, само три се жени, односно 15 проценти, додека меѓу петте заменици на премиерот нема ниту една жена.
ДЗР утврдил и дека нема унифицирани механизми за избор и именување на раководители во органите на централната власт. Во дел од постапките изборот се врши на затворени седници, што влијае врз транспарентноста.
Во мај 2026 година до Собранието е доставен Предлог-закон за високи раководители, кој предвидува еднаков пристап до функциите, избор според заслуги и транспарентно и непристрасно именување.
Ревизорите посочуваат дека недостигаат и конкретни програми за развој на лидерските способности на жените. Како значаен ризик го издвојуваат говорот на омраза, особено на интернет, кој може да влијае врз подготвеноста на жените да прифаќаат високи јавни и раководни функции.
ДЗР упатува препораки до Собранието, Владата, надлежните министерства и политичките партии за воведување мерливи мерки за родова еднаквост, подобра координација и следење, зајакнување на лидерските капацитети на жените и создавање посигурна средина за нивно учество во јавниот и политичкиот живот.

