Британска туристка била итно префрлена во болница откако била касната од инвазивна риба-пуфер додека се капела во водите кај Каламаки на грчкиот остров Закинтос. Овој инцидент го отвора прашањето за сè поголемиот проблем со овој вид во Европа.
Жената побарала лекарска помош во приватна клиника, каде што ѝ била укажана прва помош за раната. Според извори од пристанишната управа, случајот е под истрага. Се верува дека станува збор за риба-пуфер со сребрени образи, позната и како зајачка риба, вид кој сè повеќе се шири во Медитеранот поради климатските промени и затоплувањето на морето.
Грчкиот Црвен крст веќе издаде итно предупредување за овој агресивен вид, кој има заби способни да пробијат коска, дрво и метал. Покрај опасниот убод, органите и месото на оваа риба содржат смртоносен невротоксин тетродотоксин.
Загрижените рибари сведочат за катастрофалните последици врз морскиот свет и нивниот бизнис.
– Ако некој од нив ве касне, едноставно ќе ви го отсече прстот. Го уништуваат морето. Не оставаат ништо зад себе, рече грчкиот рибар Алексис Каралампакис.
– Тоа е сештојадна риба која јаде сè што ќе наиде. Се чини дека не ѝ пречи ништо бидејќи нема природни предатори меѓу другите риби, додаде 65-годишниот рибар Јанис Јанакакис.
Освен што ги напаѓаат капачите, овие риби прават големи штети на рибарските мрежи.
– Да не беше ова мојот брод, ќе ја напуштев оваа професија засекогаш. Ситуацијата е ужасна… не можеме да преживееме. Ми требаа два дена да ги поправам овие мрежи. Ги извадив утрово, уште 20 дупки. Бизнисот се влошува секоја година, рече 53-годишниот рибар Костис Зевелекакис.
Грчките власти веќе поставуваат заштитни бариери во морето за да ги заштитат пливачите, додека научниците предупредуваат дека ширењето на овој инвазивен вид претставува сериозен еколошки и безбедносен предизвик.

