Венко Филипче и СДС, чија политика се темели на тоа да се биде контра на ставовите на власта колку да се каже дека има различен став, деновиве доживуваат дополнителен дебакл, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција.
Според него, наместо очекуваната консолидација во редовите на опозицијата, јавноста деновиве сведочи на поделби, распад во живо и множење на фракции и меѓусебни пресметки проткаени со навреди.
„Контрашот Филипче треба да разбере дека ставот да се биде само против е погубен“, истакна Петрушевски.
Одговарајќи на новинарски прашања и коментирајќи ги случувањата, тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ не се меша во внатрешните работи на другите партии, но смета дека ваквите состојби не се здрави за демократските процеси во земјата.
„Народот не треба да се потценува, секој еден граѓанин знае зошто се определил за нас, а дал црвено светло за СДС. Филипче ако сака да ја консолидира СДС треба да знае дека ставот да се биде исклучиво против може да даде само еден резултат, а тоа е тонење и исчезнување на СДС“, порача пратеникот на владејачката партија.

