Штип во текот на 2026 година бележи континуиран развој преку реализација на бројни капитални инвестиции, социјални мерки и нови проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните, истакна градоначалникот на Општина Штип, Иван Јорданов, на денешната прес-конференција.
„Дозволете ми на почетокот да истакнам дека 2026 година, е година на продолжена работа, конкретни резултати и видливи промени за Штип. Година во која продолживме да инвестираме во подобра инфраструктура, подобри услови за живот и поголема поддршка за децата, младите и сите граѓани“, истакна Јорданов.
Тој потсети дека во рамките на социјалните програми се обезбедени средства за семејствата на децата со попреченост, додека за учениците се доделуваат стипендии и бесплатни униформи за првите одделенија. На терен се реализираат значајни реконструкции на улици, како што се „Питу Гули“, „Џемал Бједиќ“, „Кежовица“ и „Борис Кидрич“, која е целосно обновена по пет децении.
Во делот на сообраќајната инфраструктура, изградена е нова катна гаража на три нивоа со капацитет од 50 возила кај „Промаја“, а отворени се и нови паркинг-позиции во населбата Пребег и околните локации. Штип е првата општина во земјава со автоматизиран софтвер за управување со јавните паркинзи.
„Поддршката за спортските клубови е поголема од било кога досега, а во употреба е пуштена и новата спортска сала „Џексон“, со капацитет од 1.300 посетители вистински спортски храм во градот“, додаде градоначалникот.
Меѓу клучните проекти се издвојуваат и изградбата на новата обиколница, новите резервоари за вода, како и започнувањето на проектот за мега-парк на површина од 70.000 квадратни метри покрај Брегалница. Покрај тоа, градот продолжува да биде центар на културни манифестации како „Макфест“, „Д Фестивал“, „Astibo Jazz Festival“ и „Пастрамајлијада“.

