Средбите на македонската државна делегација со високи претставници на американската администрација се значајни за продлабочување на соработката меѓу Северна Македонија и САД, оцени Изет Меџити, еден од лидерите на коалицијата „Вреди“.
Во изјава од Њујорк, Меџити се осврна на посетата на делегацијата предводена од премиерот Христијан Мицкоски, која оствари средби со претставници на американскиот Стејт департмент и други институции.
„САД се стратешки партнер на Македонија и нè поддржуваа низ сите процеси од независноста до денес. Присуството на високи членови на американската влада е порака дека се продлабочува соработката меѓу двете држави“, рече Меџити.
Тој присуствуваше и на традиционалниот собир на организацијата ААРЦ во Њујорк, во која членуваат влијателни Албанци од дијаспората во САД, меѓу кои и македонски Албанци. На настанот присуствуваа и премиерот Мицкоски, министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и албанскиот премиер Еди Рама.
Според Меџити, присуството на македонските претставници на ваков настан е значајно, имајќи го предвид потенцијалот на албанската дијаспора во САД.
„Албанците се втора заедница во државата и располагаат со голем потенцијал за инвестиции, но и за политичко влијание во Конгресот, Сенатот и американската администрација. За поздравување е присуството на премиерот и министерот за надворешни работи“, додаде Меџити.
Тој оцени дека членството во Европската Унија останува стратешка определба на Северна Македонија и посочи дека Владата треба да ги искористи, како што рече, новите можности за напредок во евроинтегративниот процес.

