Досега се одземени над 40 концесии за експлоатација на минерални суровини поради утврдени нерегуларности, а концесиските надоместоци се зголемени за 100 проценти, информираше министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, одговарајќи на пратеничко прашање во врска со преносот на концесијата за ископ на варовник на локалитетот „Вртекица“ во општина Студеничани.
Прашањето го постави пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, кој укажа на безбедносните ризици при транспортот на рудата со тешки товарни возила низ локалниот пат што ги поврзува Драчево и Долно Количани, односно поминува низ населени места каде што нема соодветна инфраструктура.
На средината од патот, од Драчево кон Количани, има локален пат кој води до Пагаруша, од каде што продолжува до Вртекица и до локалитетот каде што се врши експлоатацијата. Тоа е локален пат, дел од патната мрежа изграден во времето на Југославија, кој локалните жители сами го одржуваат… Како ќе ја обезбедите безбедноста при транспортот на рудата по тој пат? Станува збор за тешки товарни возила натоварени со тешка руда и масивни камења. Пред да стигнат до локалитетот, тие поминуваат низ средината на селото, каде што играат деца, а камионите поминуваат и покрај, односно преку просторот што го користат како игралиште. Тој пат не е предвиден ниту за нормален сообраќај, а камоли за тешки товарни возила. Без да се вложи ништо во тој пат, давате одобрение за експлоатација на рудата, со што дополнително се нарушува безбедноста на патот и на локалното население – истакна Исмаил.
Одговарајќи на забелешките, министерката Божиновска истакна дека при пренос на концесија законски е задолжително да постои сообраќајна согласност од општината, најавувајќи вонредни инспекциски надзори.
Кога се прави пренос, треба да има сообраќајна согласност од општината. Претпоставувам дека има – рече таа, додавајќи дека веднаш по завршувањето на седницата ќе го контактира Инспекторатот за да се истражи состојбата на терен.
Таа појасни дека Министерството не постапува самостојно и дека во постапките за издавање документација се прибавуваат мислења и од Министерството за транспорт и од Министерството за животна средина.
Ние сами ништо не издаваме. Ние контактираме и со Министерството за транспорт и со Министерството за животна средина – рече министерката, нагласувајќи дека доколку се утврдат нерегуларности во надлежност на други институции, тие ќе бидат известени за преземање соодветни мерки.

