Поранешниот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски поднесува тужби и бара судска заштита, но истовремено не се појавува на закажани рочишта, обвинува ВМРО-ДПМНЕ.
„Ако веќе Николовски се повикува на судот, тогаш треба и да покаже почит кон судската постапка“, се наведува во соопштението од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Николовски треба своите наводи и аргументи да ги брани пред судот, а не преку прес-конференции и медиумски настапи.
Во соопштението партијата упатува и низа прашања до Николовски поврзани со неговиот имот, кадровските одлуки и деловните интереси.
Од ВМРО-ДПМНЕ го прашуваат дали поседува дуплекс-стан од 180 квадратни метри во „Дајмонд мол“, дали влијаел берберот кој, како што тврдат, го посетувал додека бил министер да биде назначен за советник, како и дали влијаел врз работењето на фирма поврзана со неговиот брат.
Партијата бара од Николовски одговор и за прашања поврзани со набавката на жито, средствата од ИПАРД и наводите за неговото здравствено вештачење.
ВМРО-ДПМНЕ дополнително тврди дека Николовски треба да даде одговори за сите прашања што, според нив, се од јавен интерес.
„Кој поднесува тужба, треба да биде подготвен и да се појави пред судот. Кој се повикува на правдата, треба да ја почитува судската постапка“, се наведува во партиското соопштение.

