Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, денеска одржа прес-конференција по повод судскиот процес кој го покрена поранешниот министер за земјоделство и поранешен вицепремиер, Љупчо Николовски, за наводна претрпена душевна болка. Манасиевски истакна дека Николовски не се појавил во судницата и порача дека очекува одговори на низа отворени прашања поврзани со имотот, бизнисите на семејството и функционирањето на институциите.
Манасиевски изјави:
„Имено, денеска Љупчо Николовски не се појави во судница, зошто не знам, и не дојдоа на суд со факти против фактите кои беа изнесени на прес-конференција, а тоа е дека додека тој е министер во Владата и вицепремиер на Заев, имало кусок од 2000 тони жито од стоковите резерви, а потоа е набавена скапа пченица за стоковите резерви и за тоа дека како член на владата било дадено 1,4 милиони на фирмата на Заеви под име „Тргопродукт“. Наместо со факти да демантира, тој не дојде денеска на суд да каже дека моите тврдења душевно го повредиле и дека тој претрпел душевна болка. Љупчо, остави ја душевната болка на страна. Ти си политичар. Ако толку лесно душата ти е повредена, повлечи се од политиката. А ако сепак остануваш, тогаш дај факти дека на Заеви не си им дал 1,4 милиони евра“.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на лекарскиот наод приложен во тужбата, посочувајќи дека вештото лице е долгогодишен член и донатор на СДСМ, како и директор на Клиниката за психијатрија именуван во времето кога тужитерович бил министер.
Во продолжение, Манасиевски постави неколку конкретни прашања до Николовски:
- Дали поседува непријавен дуплекс стан од околу 180 метри квадратни во „Дајмонд мол“?
- Дали ги користел службените возила на СОЗР за приватни патувања од Скопје до Крива Паланка само за да се шиша кај свој пријател?
- Дали е точно дека компанијата „Лариком шпед“, во сопственост на неговиот брат Илија Николовски, забележала раст на приходите од над 1100% за време на неговото министерување?
На крајот, Манасиевски повика надлежното Јавно обвинителство да го истражи случајот со кусокот од 2.000 тони жито во стоковите резерви и начинот на доделување на грантот од 1,4 милиони евра од ИПАРД програмата за компанијата поврзана со семејството Заеви.

