Во тек е завршната фаза од реконструкцијата на улицата „Ленинова“ во Општина Центар. Работите се одвиваат на делницата од крстосницата со „Илинденска“ до објектот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Станува збор за потег долг околу 250 метри, каде се предвидени нов коловоз и уредени пешачки површини, како и поставување нови рабници.
Во рамки на градежните работи ќе се нивелираат и сливниците и уличните шахти, а ќе биде обновена и мрежата за јавно осветлување. Предвидено е и хортикултурно уредување на просторот.
Од Општина Центар информираат дека со оваа фаза ќе заврши целосната реконструкција на „Ленинова“, која во целина опфаќа повеќе од 600 метри.
Градоначалникот Горан Герасимовски посочи дека реконструкцијата е дел од плановите за подобрување на патната инфраструктура во општината, со цел создавање побезбеден и пофункционален простор за пешаците, велосипедистите и возачите.
Претходната делница од улицата беше реконструирана во 2023 година, на потегот од булеварот „Партизански одреди“ до булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“.

