Тројца преживеани сведочат дека нигериските затворски чувари фрлиле непозната супстанца во преполна ќелија во Мина, при што животите ги загубиле 37 затвореници, додека вратата била заклучена и покрај нивните очајни повици за помош.
Многу од загинатите жртви биле тинејџери кои работеле во мали рудници за злато, објави Ројтерс. Притворениците биле уапсени за време на акција на Нигерискиот корпус за безбедност и цивилна одбрана (NSCDC) насочена против осомничени нелегални рудници.
Нигерискиот претседател Бола Ахмед Тинубу веднаш нареди истрага за случајот, додека владата претходно суспендираше дел од високите функционери на NSCDC. Министерот за внатрешни работи, Олубунми Тунџи-Оџо, формираше комисија од 10 члена за целосно расветлување на настанот.
Тој порача: „Ви ја должиме вистината. Оваа комисија ќе ви ја каже вистината. Ниеден функционер, без разлика колку е висок, ниедна личност нема да биде поштедена ако се утврди дека е одговорен“.
Иако властите ги прикажаа телата на медиумите, Ројтерс нагласува дека не бил во можност независно да ја утврди точната причина за смртта. Од NSCDC првично тврдењето го насочија кон можна епидемија на болест, но подоцна изјавија дека причината сепак останува неутврдена.
Голем дел од жртвите веќе се погребани според исламската традиција, додека шест тела сè уште се чуваат во мртовечницата при Општата болница во државата Нигер. Трагичниот настани предизвика протести и судири во кои животот го загуби едно лице, поради што надлежните воведоа 24-часовен полициски час, пренесува Танјуг.

