Уставниот суд денеска во 9:30 часот повторно ќе го разгледува предметот за кој Левица поднесе иницијативи за оценување на уставноста на одредби од Изборниот законик поврзани со платеното политичко рекламирање.
Од партијата потсетуваат дека предметот беше разгледуван и на јулската седница, но тогаш Судот не обезбеди мнозинство за донесување одлука, поради што постапката остана отворена.
Левица смета дека со спорните одредби парламентарната партија била ставена во нерамноправна положба во однос на другите политички субјекти, бидејќи не можела да користи платено политичко рекламирање во медиумите и на билборди.
Од партијата велат дека прашањето не го гледаат како спор околу финансиски средства, туку како прашање на еднакви услови за политички настап и политички плурализам.
Во меѓувреме, составот на Уставниот суд е променет. По оставката на Гоце Наумовски, за судијка е избрана Мери Дика Георгиевска.
Од Левица очекуваат Судот денеска да се произнесе за уставноста на спорните одредби и да утврди дали со нив се создаваат нееднакви услови за политичките субјекти во изборниот процес.
Партијата во соопштението посочува и дека Амар Мециновиќ, како кандидат на локалните избори во 2025 година, немал платено политичко рекламирање, а сепак влегол во вториот круг за градоначалник на Скопје.
Според Левица, конечната одлука на Уставниот суд ќе има значење и за идните политички субјекти кои би можеле да се најдат во слична ситуација.

