Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Борче Серафимовски денес оствари работна средба со амбасадорот на Француската Република во Македонија, Кристоф Ле Риголер и регионалниот советник за земјоделство, Александре Мартинез.
На средбата, информираат од МЗШВ, беше разговарано за продлабочување на соработката меѓу двете земји во областа на земјоделството, со посебен акцент на размената на искуства и знаења, особено во делот на европските интеграции и усогласувањето со европските стандарди и практики.
Посебно внимание беше посветено на можностите за поголемо присуство на македонските земјоделски и прехранбени компании и изложувачи на француските саеми, со цел промоција на македонските производи, отворање нови пазари и воспоставување нови деловни партнерства.
Министерот Серафимовски и амбасадорот Ле Риголер ја потврдија заедничката заложба за продолжување на конструктивниот дијалог и развивање конкретни иницијативи од заемен интерес, насочени кон модернизација, поголема конкурентност и меѓународна промоција на македонското земјоделство.

