Манифестацијата „Движи се за здравје“ ќе се одржи денеска по 12-ти пат, со почеток во 10 часот на Фонтаната „Лотус“. Настанот е традиционална поддршка што ја дава ЈУ Детски културен центар – Карпош во рамки на Европската недела на мобилност, која се одржува од 16 до 22 септември.
Целта на манифестацијата е да се истакне важноста на физичката активност за правилниот раст и развој на децата, како и за унапредување на нивниот моторички развој уште од најрана предучилишна возраст, соопштија од ЈУ Детски културен центар – Карпош.
На спортскиот настан ќе учествуваат најмалите, односно деца од скопските градинки.
Децата преку различни вежби и активности ќе имаат можност да ги покажат својата брзина и вештина на поставените полигони, како и да возат велосипеди и тротинети и да учествуваат во други спортски активности подготвени за нив.
Во реализацијата на манифестацијата учествуваат и студенти од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје.

