Мобилната апликација м.Услуги (m.Uslugi), е национална дигитална платформа преку која граѓаните можат да ги имаат своите лични документи и државни услуги директно на своите мобилни телефони. Ќе се промовира следниот месец, а министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека е свесен оти овој процес ќе трае.
– Јас сум свесен дека овој процес ќе трае. Но, наша задача како Министерство за дигитална трансформација е да ги отвораме овие теми, да ги наметнуваме, а граѓаните со користењето ќе ги насочат сите институции да ги прифаќаат – вели Андоновски во интервју за „360 степени“.
Јас не велам, додава тој, оти Министерството за внатрешни работи ќе ги прифаќа дигиталните лични карти и возачките дозволи уште од првиот ден на нивната употреба, бидејќи тие треба да бидат технолошки подготвени за да можат да ги прифаќаат, но сигурен сум дека и тие поминувајќи низ процесот на трансформација ќе го сторат тоа за брзо време.
Најави дека промовирањето на, како што ја нарекува, суперапликацијата „m.Uslugi“ ќе биде кон крајот на октомври и сподели примери од Полска каде апликацијата две години се користела исклучиво за влез во дискотеки, ноќни клубови, купување алкохол или за аплицирање за возачка дозвола, што значи дека приватниот сектор прв ја прифатил апликацијата, а дури потоа реагирале и тамошните јавни институции.
Неговите очекувања се сите институции во кои законите не бараат изречно фотокопија од лични карти или од изводи, да започнат со прифаќање на дигиталните лични карти и возачки дозволи.
Андоновски беше прашан и зошто била потребна цела година од промоцијата на демо-верзијата до изработката на апликацијата.
Тој рече дека биле пријавени околу двесте забелешки и дека паралелно морале да се договорат со МВР каков ќе биде протоколот на размена на личните податоци на граѓаните и каде тие ќе се чуваат.
– Кога тоа сè го завршивме, веќе можев да најавам целосно пуштање во употреба на апликацијата затоа што не сакав да си дозволам тоа да биде уште еден брзо најавуван, брзо реализиран, но погрешен проект. И сакам ’m.Uslugi’ да заживее како суперапликација. Идејата не е само личната карта и возачката дозвола, идејата е утре да можеме и дипломи и свидетелства, изводи коишто се користат повеќе пати, да бидат закачени во електронска верзија во апликацијата и да може со покажување да се користат – додаде Андоновски.

