Националниот дата центар треба да биде изграден до крајот на мандатот на актуелната Влада, а министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, очекува поставување на камен-темелникот веќе следната година.
Во интервју за „360 степени“, Андоновски демантираше дека веќе е дадена дозвола или е потпишан договор за изградба на огромен податочен центар од 100 мегавати кој би користел вода од реката Вардар. Тој појасни дека за ладење на ваквите центри се користи техничка вода добиена со копање во длабоките слоеви на земјата, а не вода од реки и езера.
„Имаме закони коишто го уредуваат давањето дозвола за градење и во врска со животна средина и јас кажав – нема да се донесе одлука за изградба на ваков податочен центар ако свесни сме дека тој би имал штета на животната средина. Јас често го земам примерот со Словенија, во Марибор, којшто користи вода, таа се топли во процесот на ладење на податочниот центар, потоа се искористува за затоплување на пластеници или за затоплување во домаќинствата, а изладената вода повторно се враќа во податочниот центар. Не се троши, немаме потрошувачка на вода и ништо такво нема да дозволиме да се случува ниту тука, нагласува Андоновски.“
Според министерот, домашната градежна оператива има капацитет да го изгради овој објект, особено со соодветна техничка поддршка, советување и надзор. Во земјава веќе постојат 7-8 помали податочни центри изградени од домашни компании кои имаат значајно искуство во овие изведби.
За државниот дата-центар веќе е одобрена физибилити студија, а во моментов се води процес на барање финансиер, при што се преговара со шест компании. Проектот е позитивно оценет во Планот за раст и е евалуиран на околу 20 милиони евра, составени од 30 отсто грант и 70 отсто меки кредити од банки што соработуваат со Европската Унија.
Новиот национален дата центар е предвидено да се изгради во близина на Скопје, во реонот кај ТИРЗ зоните, на државно неплодно земјиште.

