Од коалицијата ВРЕДИ реагираат на изјавите на Али Ахмети во врска со судскиот процес против Артан Груби, обвинувајќи го лидерот на ДУИ дека однапред го определил исходот од постапката.
Од ВРЕДИ наведуваат дека додека судењето сè уште трае и доказите не се изведени во целост, Ахмети јавно изразил уверување дека Груби е невин и дека ќе биде ослободен.
Во реакцијата се посочува и на, како што велат од ВРЕДИ, промената во ставот на Ахмети – од претходните пораки дека Груби треба да одговара доколку ја злоупотребил неговата доверба, до актуелното тврдење за неговата невиност.
Од ВРЕДИ прашуваат што го предизвикало ваквиот пресврт и дали ставовите на Ахмети се поврзани со политичката положба на Груби.
Партијата се осврнува и на одлуката на САД да го стави Груби на својата листа на санкционирани лица, поврзувајќи ја со наводи за корупција и влијание врз судски процеси.
Од ВРЕДИ порачуваат дека исходот од судската постапка треба да го утврдат надлежните судски институции, а не политичките партии.

