Синдикалната кошничка за само еден месец пораснала за речиси 1.000 денари, а ако на основните трошоци се додадат киријата или ратата за станбен кредит, на едно семејство му се потребни близу 90.000 денари месечно, вели претседателот на СДСМ Венко Филипче. Слична пресметка СДСМ изнесе и минатата недела, кога тврдеше дека минималната синдикална кошничка е близу 70.000 денари, а со трошоците за домување надминува 90.000.
Филипче обвини дека трошоците за живот продолжуваат да растат, додека приходите на граѓаните не можат да го следат поскапувањето.
„Невозможно стана да се живее во државата“, рече Филипче, обвинувајќи ја Владата предводена од Христијан Мицкоски за состојбата.
СДСМ периодов повторно бара зголемување на минималната плата на 600 евра, со образложение дека сегашните примања не се доволни за покривање на основните месечни трошоци на едно семејство.

