Нема повлекување од меѓународните договори и разговорите со Бугарија, но Македонија нема да влезе во нов процес без предвидлив крај, порача премиерот Христијан Мицкоски од Вашингтон. Тој вели дека раскинување на договорите и прекин на преговорите би ја изолирале земјата и дека решението треба да се бара преку дијалог.
Владата е подготвена да разговара со Софија и за усогласување на Акцискиот план за малцинствата, но Мицкоски бара на масата да има и претставник на меѓународната заедница, по можност од Европската Унија. Според него, ако разговорите се водат само меѓу Скопје и Софија, тоа би го потврдило ставот на Владата дека станува збор за билатерално прашање.
Мицкоски оценува дека пред почеток на таков процес најпрво мора да се изгради доверба и дека волјата за решение треба да постои од двете страни. Паралелно, Владата најавува продолжување на реформите од Реформската агенда и Планот за раст на ЕУ.

