По Виена, Линц и Филах, македонските православни верници во Австрија добиваат уште една црковна општина – овојпат во Салцбург.
Со благослов на митрополитот Европски г. Пимен, македонските православни верници од Салцбург и околината стануваат дел од Европската епархија на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија.
По повод празникот Рождество на Пресвета Богородица, на 19 септември 2026 година во Салцбург за првпат ќе биде отслужена света архијерејска Божествена Литургија. Со богослужбата ќе чиноначалствува митрополитот Пимен.
Од Европската епархија овој настан го опишуваат како нов почеток за македонските православни верници во Салцбург и околината, со цел верата, традицијата, јазикот и духовната припадност да се негуваат и пренесуваат на идните генерации.
„Овој историски чин претставува нов почеток за македонските православни верници од Салцбург и околината, место каде што верата, традицијата, јазикот и македонската духовна припадност ќе продолжат да се пренесуваат на идните генерации“, се наведува во известувањето.
Од Епархијата упатуваат повик до Македонците во Австрија да присуствуваат на свечениот настан и заеднички да го одбележат основањето на новата македонска црковна општина.

