Полскиот премиер Доналд Туск денеска во Сејмот изјави дека според процените на разузнавачките служби, Русија планира хибридни напади со дронови и ракети врз земјите што ја поддржуваат Украина, меѓу кои и Полска.
Тој истакна дека постои „реален ризик“ проектили да навлегуваат на територијата на земји-членки на НАТО и да предизвикаат штети, додавајќи дека Москва тоа би го претставила како случајни инциденти со цел да го обесхрабри НАТО да одговори. Според Туск, овие процени се засноваат на моментално достапни информации.
Слични предупредувања претходно изнесе и заменик-министерот за одбрана Цезари Томчик, кој нагласи дека се можни саботажи, насочување ракети и беспилотно летало кон полска територија, како и нарачување атентати со цел да се ослабне Украина и да се создадат поделби во НАТО и ЕУ.
„Сојузничките служби и нашето разузнавање со месеци предупредуваат за можноста за ескалација и закани кон Полска“, наведе Томчик.

