Ужасна трагедија се случила во Софија, каде што шестгодишно дете било пронајдено во семејниот стан со убодни рани, додека неговиот татко бил пронајден повреден откако скокнал од станбена зграда, објавија медиумите.
Првата пријава до полицијата била примена околу 11:20 часот. Директорот на СДВР, Николај Пелтеков, изјавил дека во врска со случајот биле примени вкупно четири пријави. Последните две ги поднела бабата на детето, која по враќањето дома го пронашла внукот во тешка состојба, со конвулзии и убодни рани. Во станот заедно живееле таткото, детето и бабата и дедото.
Според истрагата, мажот имал историја на проблеми со дрога и алкохол и земал терапија, а во 2023 година бил приведуван по немири и сместен во центар за ментално здравје. Полицијата потврди дека нема индикации за упад од надвор, ниту пак претходно имало пријави за семејно насилство.
„Нема ништо што укажува дека може да се случи трагедија“, изјави директорот на СДВР, Николај Пелтеков, додавајќи дека мажот во еден момент се јавил на бројот за итни случаи 112, но брзо го прекинал повикот.

