Фондот за ПИОМ е доведен во сериозен ризик, а дефицитот е зголемен на 1 милијарда евра, што претставува над 14 отсто од целиот буџет, изјави на прес-конференција потпретседателката на СДСМ, Јована Тренчевска. Според неа, актуелната власт го загрозува редовното исплаќање на пензиите и стабилноста на вториот пензиски столб.
„Арамијата Мицкоски и неговата криминална власт го доведоа Фондот за ПИОМ во сериозен ризик. Состојбата е алармантна, дупката во Фондот Мицкоски ја зголеми на 1 милијарда евра! Тоа се над 14% од целиот буџет! Во ризик е исплатата на пензиите. ПИОМ веќе не може да се полни од придонеси, криминалната банда го доведе до неодржливост“, истакна Тренчевска.
Таа додаде дека државата е задолжена со нови 4 милијарди евра за две години, додека средствата се трошат на луксузи и партиски настани наместо за мерки за граѓаните. Дополнително, Тренчевска предупреди дека се загрозува и вториот пензиски столб преку најави за „реконструкција“ или национализација, со што граѓаните можат да останат без своите заштеди.
„Затоа бараме јавен одговор: како дупката од 1 милијарда евра ќе се пополни? Од каде точно ќе се покрие, кои мерки го намалуваат дефицитот и до кој датум? Пензиите не се милостина од Мицкоски. Пензиите се право. Пензискиот фонд е обврска на државата“, порача потпретседателката на СДСМ.

