Во Скопје почина Глигор Пандиловски – Гиц, музичар, извршен продуцент и долгогодишен угостител кој меѓу скопјани остана препознатлив како сопственик на култното кафуле „Чао“ во Градскиот трговски центар.
Пандиловски беше дел од скопската музичка сцена уште во 1970-тите и почетокот на 1980-тите години, свирејќи тапани во познати состави меѓу кои и ВИС „Урагани“.
Подоцна се насочи кон угостителството, отворајќи го „Чао“ во ГТЦ, локал кој со години претставуваше место за собирање на младите и значаен сегмент од урбаниот живот во центарот на градот. Просторот често служи за промоции, прес-конференции и настапи, а во кругови на познаници остана забележана констатацијата дека „додека беа Гиц и ‘Чао’, функционираше и ГТЦ и ноќниот живот во него“.
Последните десет и повеќе години живееше на релација Скопје–Гетеборг, Шведска, задржувајќи ги врските со домашната сцена. Во последниот период беше активен како извршен продуцент во организацијата на „Охрид фест – Охридски трубадури“, од каде јавно се простија од соработникот.

