Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, оцени дека граѓаните денес живеат многу полошо отколку пред две-три години и дека, како што рече, дополнителен проблем е губењето на надежта дека во државата може да се живее подобро.
„Сега се живее многу полошо отколку пред две-три години. Не само што се живее полошо, најстрашното од сè е што на луѓето им е убиена надежта дека тука може да биде подобро место за живеење“, изјави Филипче.
Тој ја обвини актуелната власт дека со начинот на управување со државата им испраќа лош пример на младите.
„Им даваат лош пример на младите и како се владее и како се менаџира со државата“, рече претседателот на СДСМ.
Филипче порача дека неговата партија ќе се обиде повторно да ја добие довербата на граѓаните и да ја промени состојбата во земјата.
„Ќе ја вратиме власта во рацете на граѓаните и оваа работа ќе се смени, ќе влеземе во Европа и младите ќе ја гледаат иднината тука“, изјави Филипче.

