Фондот за здравствено осигурување ќе продолжи со активности за воспоставување редовна и предвидлива исплата на надоместоците за боледување и породилно отсуство, истовремено со унапредување на правилата, поедноставување на постапките и зајакнување на контролата таму каде што постои ризик од злоупотреба.
Ова беа дел од клучните пораки на генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување, м-р Златко Перински, на денешниот медиумски брифинг, на кој со новинарите разговараше за актуелните резултати, новите решенија што се подготвуваат и приоритетите во работењето на Фондот. Во август 2026 година Фондот исплати вкупно 623.150.780 денари за боледувања, од кои 414.050.780 денари за породилни надоместоци.
Средствата беа обезбедени преку активно управување со ликвидноста и забрзана наплата на дел од побарувањата по основ на придонеси, без притоа да се наруши редовното подмирување на останатите обврски на Фондот.
„Нашата цел не е август да остане исклучок, туку редовната исплата да стане правило. За уредно комплетираните предмети за кои се исполнети условите за исплата, работиме кон воспоставување динамика во која надоместоците за претходниот месец ќе се исплаќаат во текот на наредниот месец“, истакна Перински.

