А1 Македонија го продолжува партнерството и втора година по ред е генерален спонзор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“, чие 47. издание ќе се одржи од 19 до 25 септември во Битола.
Со продолжувањето на партнерството со еден од најзначајните културни настани во земјата, А1 ја потврдува својата определба да ги поддржува културата, домашната и светската кинематографија и настаните што создаваат трајни вредности и ја поврзуваат публиката преку моќта на содржината.
Годинешното присуство на А1 на фестивалот е обединето под креативната платформа „Под исто светло“, инспирирана од светлината како почетна точка на секој филмски кадар. Пред повеќе од еден век, браќата Манаки го уловиле првиот зрак светлина и започнале да го документираат животот, создавајќи наследство што и денес ги поврзува генерациите.
„За нас, партнерството со ИФФК ‘Браќа Манаки’ е многу повеќе од спонзорска поддршка. Тоа е вложување во културата, во авторите и во приказните што нè зближуваат и остануваат како трајна вредност за идните генерации. Како компанија што ги поврзува луѓето и им овозможува пристап до квалитетни содржини, горди сме што втора година по ред сме дел од фестивалот што ја слави уметноста зад камерата и ја носи светската кинематографија поблиску до македонската публика“, изјави Методија Мирчев, главен извршен директор на А1 Македонија.
„Поддршката од А1 Македонија ни овозможува фестивалот да продолжи да се развива, да носи значајни имиња од светската кинематографија и да создава побогато искуство за публиката. Особено нè радува што и оваа година имаме партнер што ја препознава вредноста на филмската уметност и важноста од нејзиното доближување до што поголем број луѓе. И годинава заеднички ја славиме светлината како суштина на филмскиот кадар, но и како симбол на идеите, на авторите и на приказните што нè поврзуваат “, изјави Димитрија Доксевски, директор на ИФФК „Браќа Манаки“.
Преку своето присуство на фестивалот, А1 Македонија продолжува да ја зајакнува својата позиција како водечки обезбедувач на содржини и партнер на иницијативите што го збогатуваат културниот живот во земјата. Затоа што највредните приказни се оние што ги гледаме, ги чувствуваме и ги споделуваме заедно – под исто светло.

