Возењето сам во лента резервирана за повеќе патници во Шпанија и Франција станува сè поскапо, благодарение на новиот систем камери кои автоматски го детектираат бројот на лица во возилото.
Системот во Шпанија го контролира движењето на таканаречените VAO ленти, каде што услов за движење е присуство на најмалку две лица во автомобилот. Прекршителите на ова правило се соочуваат со казна од 200 евра.
Технологијата овозможува препознавање на регистарските таблички и броење на патниците додека возилото е во движење, со што сообраќајот не се прекинува за рачна контрола.
Франција применува аналоген систем на обиколницата Boulevard Périphérique во Париз, како и на автопатите А1 и А13. Во Париз, лентата е активна за време на работните денови и сообраќајните шпицови, а казната за неовластено движење изнесува 135 евра, по претходна верификација на снимениот материјал од страна на службено лице.
Со овие мерки, европските метрополи цели да ги мотивираат граѓаните на заедничко патување со цел да се намалат сообраќајниот хаос и загадувањето на воздухот.
Евентуалната примена на оваа пракса во македонските градови, посебно во Скопје, би барала претходно прилагодување на јавниот превоз и сообраќајната инфраструктура за да се постигне посакуваниот ефект без создавање дополнителен метеж.

