Најмалку 37 млади луѓе загинаа во текот на изминатите две години за време на стручната обука во рамките на турската програма „Месем“, спонзорирана од државата, наведе денеска турското Министерство за образование, пренесува ДПА.
Во рамките на оваа програма досега речиси 10.000 практиканти претрпеле несреќи на работното место, додаде министерството, како одговор на пратеничкото прашање од опозицискиот пратеник Омер Фарук Гергерлиоглу, кое денеска беше објавено од турските медиуми.
Министерот за образование, Јусуф Текин, претходно изјави дека не ги разбира критиките на опозицијата за соработката меѓу образовниот систем и приватните бизниси и вети дека ќе ја продолжи програмата.
Правната основа за програмата „Месем“ беше воспоставена во 2016 година, со цел комбинирање на академската и стручната обука. Младите луѓе на возраст од 14 до 18 години поминуваат еден ден во неделата во училиште и работат во компанија четири до пет дена.
Државата ја дава платата за обуката, која е најмалку 30 отсто од минималната плата – еквивалентно на околу 200 долари месечно. Во последната година од обуката, таа се зголемува на 50 отсто од минималната плата. Министерството за образование наведува дека во моментов околу 480.000 ученици учествуваат во оваа стручна програма, пренесува ДПА.
Иницијативата за реформа на образованието преку истражување, објавено во мај годинава, заклучи дека младите луѓе ја избираат програмата делумно од економски причини или затоа што не се чувствуваат конфорно во конвенционалниот училишен систем.
Студијата, исто така, идентификуваше структурни проблеми со условите за работа, надзорот и рамнотежата помеѓу работата и образованието.
Истражувачот Сервет Гун во посебна студија дојде до уште поостар заклучок, наведувајќи дека соработката помеѓу училиштата и бизнисот го отворила патот за детски труд и, следствено, за фатални несреќи на работното место.
Министерството за образование ги проверува компаниите за нивните практики за обука, опрема, средини во кои ја изведуваат обуката, инструктори и услови за здравје и безбедност.
До крајот на 2024 година, повеќе од 250.000 компании беа инспектирани, а договорите беа прекинати на околу една од секоја 10-та компанија и тоа поради прекршувања на условите за обуката, потсетува ДПА.

