Директорот на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), Александар Јанев, денеска учествуваше на Билатералната вежба Македонија – Грција за меѓусебна правна помош во случаи на финансиски криминал, организирана со поддршка на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, при што порача дека е неопходна посилна соработка меѓу институциите за поефикасно справување со финансискиот криминал и прекуграничните криминални активности.
Како што соопшти МВР, вежбата е насочена кон унапредување на практичната соработка меѓу надлежните институции од двете земји преку размена на искуства, информации и најдобри практики во постапувањето со случаи поврзани со финансиски криминал.
– Безбедноста нема граници. Затоа и нашата соработка не смее да има граници, – истакна Јанев, нагласувајќи дека криминалот не познава граници, а криминалните мрежи и финансиските текови често се протегаат низ повеќе држави.
Според него, одговорот на институциите треба да биде заеднички, навремен и координиран преку директна размена на информации, ефикасна меѓусебна правна помош, финансиски истраги, следење на сомнителни трансакции и размена на податоци од значење за истрагите.

