Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги објави списоците на добитници на финансиска поддршка за набавка и вградување на инвертер клима уреди, во рамки на Програмата за заштита на ранливи потрошувачи на енергија за 2026 година.
За двете опфатени категории се доделени над 500 потврди-ваучери, со кои на домаќинствата што ги исполнуваат условите им се овозможува поддршка за набавка и монтажа на инвертер клима уред.
Поддршката е наменета за:
- Домаќинства со едно или повеќе лица корисници на надоместок заради попреченост, согласно член 44 од Законот за социјалната заштита;
- Домаќинства со едно или повеќе деца со попреченост, корисници на посебен додаток до 26 години.
Списоците со добитници се јавно достапни на официјалната веб-страница на Министерството.
Од Министерството упатија апел сите добитници навремено да го реализираат стекнатото право, посочувајќи дека постапката се одвива во неколку едноставни чекори. Добитниците треба најпрво да ја проверат својата е-пошта за да ги добијат Решението за стекнато право, Записникот/прашалникот за пополнување по монтажата и соодветниот баркод или QR-код.
Потоа, документите треба да се испечатат и заедно со кодот да се однесат во едно од овластените правни лица кои имаат склучено договор со МЕРМС за реализација на мерката. По извршената набавка и монтажа од страна на компанијата, задолжително се пополнува доставениот записник.
Крајниот рок за искористување на потврда-ваучерите е 15 октомври 2026 година, по што истите нема да можат да се искористат. За сите дополнителни прашања или евентуални проблеми со документите, граѓаните можат да се обратат до Министерството на е-поштата ranlivipotrosuvaci@energy.gov.mk или на телефонскиот број 071 320 384.

