На територијата на државата до 13:00 часот денеска се регистрирани вкупно 12 пожари на отворен простор. Од нив, пет се сè уште активни, четири се ставени под контрола, а три пожари се целосно изгаснати.
Според најновите информации од Центарот за управување со кризи (ЦУК), активните пожари се бележат во следните општини:
- Општина Струга: на потегот меѓу селата Буринец, Локов, Селце и Елевци, каде што гори нискостеблеста шума.
- Општина Македонски Брод: во селото Белица, на местото викано Кајорец кон селото Брезница, во близина на репетиторот, каде е зафатена нискостеблеста и мешана шума.
- Општина Чучер-Сандево: кај селото Брест, на местото викано Рамно, каде што гори мешана шума.
- Општина Крива Паланка: во селото Осиче, на местото Рамни Камен, каде што е зафатена борова шума.
- Општина Гостивар: кај селото Печково, каде гори ниска вегетација и нискостеблести растенија.
Под контрола на противпожарните екипи се ставени четири пожари: во Општина Македонски Брод кај селото Бенче (шумски пожар), во Општина Кичево кај селото Тајмиште на местото Дарда (ниска вегетација), во Општина Сарај кај селото Копаница (шумски пожар) и во Општина Ѓорче Петров на потегот меѓу селата Грачани и Никиштани (шума).
Од ЦУК информираат дека целосно се изгаснати три пожари, и тоа во Општина Кичево над селото Кнежино на местото Црн Камен, во Општина Ново Село над селото Стиник, како и во скопската општина Карпош кај селото Бардовци, каде гореше ѓубре.

