Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, упати празнична честитка до граѓаните по повод 8 Септември – Денот на независноста, потенцирајќи дека референдумската одлука од пред 35 години го крунисала вековниот стремеж за суверена држава.
Во својата празнична порака, Ѓорѓиевски се осврна на историското значење на датумот и предизвиците со кои се соочувала земјата.
„На 8 Септември, пред 35 години, македонскиот народ јасно и одлучно ја избра независноста. Со историската референдумска одлука беше крунисан вековниот стремеж за сопствена, слободна и суверена држава, што ги чува нашиот македонски јазик, идентитет, култура, историја и вековно постоење“, истакнува Ѓорѓиевски.
Тој подвлече дека државата успеала да ги надмине сите искушенија благодарение на истрајноста на граѓаните.
„И тогаш имало такви што не сакале Македонија да биде независна. Ги има и денес. Но сме ги победиле еднаш, сме ги победувале многупати и цврсто знам дека Македонија ќе оди напред, затоа што има горд и непокорен народ кој верува во својата татковина и никогаш не се откажува од неа!“, се вели во пораката.
Ѓорѓиевски ја акцентираше потребата од единство и одговорност кон идните генерации.
„Како нација, сите премрежја сме ги надминувале тогаш кога сме биле обединети. Дури и кога патот бил трнлив и тежок, обременет со предизвици однатре и однадвор, сме имале сила да истраеме и да продолжиме напред. Наша должност е достоинствено, сплотено и со силно чувство за сопствената држава да изградиме посилна, поуспешна и просперитетна Македонија“, посочува тој.
На крајот од празничното обраќање, Ѓорѓиевски апелираше за градење стабилна иднина.
„На нашите деца и на неродените поколенија мора да им оставиме здрава, стабилна и достоинствена држава. Трулото минато нека остане само бледо сеќавање, а не судбина на идните генерации. Да живее независна и суверена Македонија! Македонијо, ќе бидеш вечна и вековита!“, соопшти Ѓорѓиевски.

