Министерот за јавна администрација Горан Минчев упати честитка до сите граѓани по повод 8 Септември – Денот на независноста на Република Македонија, истакнувајќи дека 35-годишнината од самостојноста претставува потсетник за одговорноста кон идните генерации.
Тој посочи дека одлуката за независна држава донесена пред 35 години бара постојано работење за подобар живот на сите граѓани.
„Пред 35 години, македонскиот народ одлучи сам да ја гради својата иднина. Со своја независна држава, со свои одлуки и со верба дека можеме сами да го одредуваме својот пат. Оттогаш до денес, многу генерации сонуваа, работеа, се бореа и создаваа. Некои ги поставија темелите, некои ја чуваа државата, а наша обврска е да ја направиме подобро место за оние што доаѓаат по нас“, стои во честитката на Минчев.
Според министерот за јавна администрација, зачувувањето на државноста бара одговорност и градење на земја во која идните генерации ќе гледаат мотив да останат.
„Затоа, независноста е одговорност. Одговорност кон земјата. Кон граѓаните. Кон оние што веруваа во Македонија и кога беше најтешко. И кон децата и младите кои допрва ќе ја пишуваат нејзината иднина. Да ја чуваме со гордост. Да ја градиме со љубов и одговорност. И да оставиме зад себе држава во која идните генерации ќе сакаат да останат, да живеат и да го градат својот сон. Затоа што Македонија е нашиот дом. Нашето име и идентитет. Нашата култура. Нашата приказна. Нашата иднина“, истакнува тој.
На крајот од пораката, Минчев го честиташе празникот со желба за долговечност на државата.
„Честит 8 Септември – 35 години независна Македонија! Да ни е вечна Македонија!“, порачува министерот за јавна администрација Горан Минчев.

