Претседателката д-р Гордана Сиљановска-Давкова упати празнична честитка до сите граѓани по повод 8 Септември – Денот на македонската независност, истакнувајќи дека референдумот од 1991 година претставува заокружување на делото на илинденците и асномците.
Во своето обраќање, таа подвлече дека државноста не е минато свршено време, туку трајни обврски кои бараат секојдневен труд и посветеност од секоја генерација.
– Иако е прогласена за навек, независната држава не е минато свршено, туку и сегашно трајно време. Таа започна со референдумската одлука како важна секојдневна, неуморна задача за секоја генерација да ја чува, гради и доградува – истакна претседателката.
Според Сиљановска-Давкова, македонската независност почива на три главни столба.
– Македонската независност почива на три столба: првиот е довербата на секој граѓанин во сопствената држава и во капацитетот на нејзините институции да ги заштитат правата, да обезбедат правда и да пружат еднакви можности за сите; вториот е меѓусебната доверба меѓу нас, граѓаните, како човечка нитка којашто нè држи заедно, независно од етничката, верската, јазичната и секоја друга разлика, и третата е – непотрошната, искрената и непоколеблива вера во македонската иднина – посочи таа.
Претседателката го истакна и проблемот со иселувањето на младите како еден од најголемите предизвици со кои се соочува земјата по изминатите три и пол децении.
– Еден од најголемите е иселувањето на младите луѓе во потрага по подобар живот. Со секое заминување се прекинува нишка во нашето ткиво, а секоја празна училишна клупа е молчалив потсетник дека ги губиме оние кои беа и сѐ уште се нашата најголема надеж – изјави шефот на државата.
Таа порача дека ваквата состојба мора да ја мобилизира државата за решавање на клучните проблеми и борба против криминалот.
– Болната вистина не смее да нè парализира, туку мора да нè мобилизира. Државата не е само систем на институции. Луѓето се државата. Имаме генерациска одговорност да ги завршиме неодложните задачи: да ги искорениме криминалот и корупцијата, да воспоставиме бескомпромисно владеење на правото и да изградиме мирно и праведно општество на рамноправни и еднакви граѓани, независно дали се Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци и други. Асномскиот завет нѐ учи: „КАКВА МАКЕДОНИЈА ЌЕ ИЗГРАДИМЕ, ТАКВА ЌЕ ЈА ИМАМЕ“. Никој друг нема да ни го уреди домот освен ние самите! – се вели во честитката.
На крајот од пораката, таа повика на подлабока соработка со дијаспората и обединување на сите капацитети за изградба на просперитетна татковина.
– Повеќе од кога било порано, денес ни е потребна проактивна, конструктивна надеж, верба дека со сопствени сили можеме и мораме да ги направиме нештата подобри. Нашата визија е стабилна и напредна европска држава, но пред сè, татковина во која младите нема да пакуваат куфери, туку, тука ќе создаваат семејства и ќе градат иднина – заклучи Сиљановска-Давкова.

