Власта на СДС на која успех и беше раст од 2% на економијата, за која успех беше платите да растат 5% а инфлацијата истиот период да биде 20%, партијата која ги зголемуваше пензиите за 150 денари годишно, не може и не треба да држи лекции за тоа како треба да се води економијата на една држава – истакна на прес-конференција Биљана Кузманоска, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Од владејачката партија направија споредба меѓу првите осум квартали од нивното владеење и истиот период од мандатот на претходната власт.
„Бидејќи ги слушаме секојдневно како говорат за економијата и растот, а се уште се најголема опозициска партија во Македонија, треба да направиме една споредба и да видиме како тие недомаќински работеле, а како ние работиме чесно, одговорно и транспарентно. Осум целосни квартали на нивната власт со осум целосни квартали на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, посочи Кузманоска.
Според изнесените податоци, во првите осум квартали на СДСМ и ДУИ просечниот реален економски раст изнесувал 2,6 проценти, додека од третиот квартал на 2024 до вториот квартал на 2026 година тој изнесува 3,55 проценти.
„Разликата е речиси еден цел процентен поен. Или, изразено релативно, приближно 37 проценти повисоко просечно темпо на економскиот раст. Но има нешто уште поважно, а тоа е дека во економијата не е доволно да имате еден добар квартал. Многу поважно е дали можете да создадете стабилност и континуитет“, потенцираше пратеничката.
Кузманоска истакна дека во вториот квартал од 2026 година е забележан реален раст на економијата од 4,3 проценти, што според неа е доказ за стабилна економска динамика.
„Затоа, кога СДС денес ја критикува економската политика, добро е јавноста да знае какви биле резултатите кога тие ја имале одговорноста да ја водат економијата. Евидентна е разликата меѓу економските резултати што ги оставија СДС и ДУИ и резултатите што денес ги постигнува Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ“, заклучи Кузманоска.

