Состојбата со пожарите на отворен простор во текот на денешниот ден повторно е алармантна, при што се регистрирани повеќе од 20 пожари на територијата на целата држава.
Поголем дел од нив се сè уште активни, а противпожарните екипи, воздухопловите и надлежните служби се на терен.
За состојбата на теренот попладнево информираше директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов. Во моментот активен е пожарот кај селото Грачани, кој премина од косовска страна, но е сопрен пред селото Никиштане.
„Пожарот во овој момент се симнува кон магистралниот пат, поточно кон реката Лепенец, во насока на косовската граница. Поголем дел од пожарната линија се одвива од косовска страна, дел се одвива на македонска страна. За жал, доколку дувне северозападен ветер, граѓаните и вечерва повторно ќе го чувствуваат чадот од овој пожар, иако во однос на вчерашниот и завчерашниот ден, денес е значително намален. Очекувам до вечер да биде воспоставена целосна контрола врз овој комплексен пожар за гасење“, изјави Ангелов, додавајќи дека на овој локалитет дејствувале Ер Тракторите и полициски хеликоптер.
На подрачјето на Скопје е активен и пожарот на Скопска Црна Гора кај Рамно, за кој постојат сомневања за намерно предизвикување.
„Намерно подметнат пожар повеќе од сигурно. Но генерално и над Скопска Црна Гора, но и овде зад мене, постојано имаме подметнување на пожари. На него работат скопските пожарникари со екипи на Национални шуми“, изјави Ангелов.
Во струшкиот регион активен е пожарот кај селата Октиси и Подгорци кој зафати борова шума, како и пожарот во атарот на селата Селци и Локов.
„Воспоставена е почетна контрола, се надевам дека денес пожарникарите ќе го стават под целосна контрола. Исклучително тежок терен за гасење, густа шума, тешка за движење“, изјави Ангелов за пожарот кај Октиси. За локацијата кај Селци и Локов тој појасни: „Таму цела ноќ, но и утрово и претпладнево работи огнен тим на Дирекцијата за заштита и спасување, составен од доброволни пожарникари од Битола. Воспоставија речиси целосна контрола, остана уште еден мал крак којшто го работат во овој момент, но по нивните кажувања има многу горлива маса на самата подлога, многу лисја, суви гранки, трње коишто е тешко да се исчистат, но очекувам денес овој пожар да биде целосно изгаснат и вечер да не претставува закана за околните села, но и вознимирување кај околните жители“.
Пожари се регистрирани и кај селото Ногаевци во Градско, кај село Белица во Македонски Брод, како и кај Тајмиште и Добреноец во Кичево. Дополнително, опожарени се штипската депонија и уште неколку други депонии во земјава.
„Со еден збор имаме премногу пожари, нашите сили се преморени, работат пожртвувано, даваат се од себе — и пожарникарите, и тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување, тимовите на Национални шуми, пилотите, воздухопловниот персонал. Сите оние коишто се вклучени во активностите за гасење на пожари даваат се од себе. Но, најдобрата заштита од пожари е доколку истите не бидат предизвикани, затоа по којзнае кој пат апелирам до граѓаните, ве молам внимавајте, доволна е само искра за вистинска катастрофа. Но исто така, ве молам пријавете го секое сомнително однесување, бидејќи имаме индикации дека поголем дел од пожарите коишто во овој момент се активни се намерно подметнати“, изјави Ангелов.
Според првичните проценки на надлежните, меѓу главните мотиви за подметнувањето на дел од пожарите е прикривањето на кривично дело за кражба на дрва.

