Премиерот Христијан Мицкоски денеска присуствуваше на поставувањето камен-темелник за изградба на нова спортска сала во ООУ „Братство“ во Општина Карпош, како дел од двата нови проекти во оваа општина.

Вкупната вредност на овие проекти, кои ги опфаќаат спортската сала и новата улица, изнесува околу 100 милиони денари со вклучен ДДВ.
Премиерот истакна дека целта на инвестициите е да им се олесни секојдневието на жителите, но и да им се овозможат подобри услови за развој на учениците.

Во своето обраќање, Мицкоски рече:
„Се наоѓаме повторно денеска на два нови проекти коишто, со вклучен данок на додадена вредност, се отприлика околу 100 милиони денари — два проекти коишто имаат за цел да го олеснат начинот на функционирање на жителите од овие населени места. Од друга страна, кога ќе биде изградена оваа спортска сала, да можат оние коишто таа спортска сала ќе ја користат — а тоа се учениците од ова основно училиште — да можат да другаруваат, да го градат својот спортски дух и на тој начин да растат во, би рекол, подобри личности, бидејќи во спортот секогаш духот е најбитен, натпреварувачкиот дух од една страна, од друга страна како личности.“
Тој изрази благодарност до сите кои беа вклучени во подготовката и реализацијата на овие проекти, потенцирајќи ја поддршката од локалната власт, администрацијата и министерствата.
„Јас би сакал да ја изразам својата голема благодарност до градоначалникот на Општина Карпош, до советниците од Советот на Општина Карпош коишто ја поддржуваат работата на градоначалникот, да се заблагодарам и на администрацијата, бидејќи без администрацијата овие проекти не можат да бидат подготвени за да бидат потоа и финансирани. Да се заблагодарам на пратениците коишто доаѓаат од Општина Карпош, на Градот Скопје, на советниците од Градот Скопје, на колегите од Владата, се разбира, Министерството за образование и наука, министерката и сите останати коишто се вклучени во реализација на овој проект“, нагласи премиерот.
Мицкоски посочи дека во моментов ширум земјава има голем број активни градилишта и најави скорешно завршување на отпочнатите работи.
„Сепак, повеќе од 1.200 градилишта на целата територија на државава е бројка којашто е за почит и бројка којашто бара една озбилна организација од сите институции. Ценам дека наскоро од денеска и двата проекти ќе бидат готови, и улицата и оваа спортска сала, и ќе можеме да бидеме сите ние заедно присутни тука да ги отвориме овие два проекти — најпрвин улицата, потоа и спортската сала. Така што, уште еднаш, еве, нека е аирлија и нека ни се множат вакви проекти“, заклучи Мицкоски.


