Собранието попладнево во рамки на 121. седница ја донесе Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026-2030 година и над 40 закони по скратена постапка, со кои се прават измени заради усогласување на постојни закони со Законот за високи раководители.
Целта е да се воспостави единствен систем за избор, именување, услови и одговорност на високите раководни службеници во државната управа и фондовите, што ќе го подобри нивното раководење и управување.
Пратениците од СДСМ гласаа против за сите закони, кои на седницата беа изгласани без дискусија. Координаторот Оливер Спасовски образложи дека нивната пратеничка група не дава поддршка затоа што, рече, со предложените 44 закони се врши усогласување за конкретни лица кои раководат со институции и кои немаат специфично образование во областа. Како што рече, ова не е никаква реформа туку крајно несериозен пристап на Владата и министерот за јавна администрација
-Дигнитетот на Собранието се чува и со ставање потпис на тоа што го предлагате во Собранието и кога ќе ставите потпис на нешто треба да стоите зад таа работа. Заради овој несериозен однос на Владата односно министерот за јавна администрација кој бега од Собранието на усогласување на законите и затоа што немаме никаква реформа, СДСМ и коалицијата гласаат против за сите законски текстови, рече Спасовски.
Националната стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026-2030 година, која беше изгласана во Собранието, е стратешки документ – рамка за интегрирани мерки и активности насочени кон намалување на бројот на жртви и повредени во сообраќајни незгоди и кон создавање безбедна, ефикасна и одржлива патна инфраструктура.

