Премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, раководствата и вработени во железничките претпријатија „Транспорт“ и „Инфраструктура“, утрово со „Градскиот воз“ тргнаа од железничката станица во Зелениково кон Скопје.
Симболичното патување се реализира по повод официјалната промоција на проектот „Градски воз“ и првата од трите предвидени линии. Возот сообраќа на релацијата Зелениково – Ново Зелениково – Орешани – Јане Сандански – Драчево – Лисиче – Нова железничка станица Скопје.
Проектот има за цел да ги поврзе приградските населени места со централното подрачје на Скопје и да овозможи побрз, поефикасен и подостапен јавен превоз.
Од Владата посочуваат дека со „Градскиот воз“ граѓаните треба да имаат пократко и поевтино патување, помалку чекање и подобра поврзаност со центарот на градот.
За потребите на проектот, „Железници Инфраструктура“ извршила целосна реконструкција на пругата на оваа релација, со цел подобрување на нејзината состојба и зголемување на капацитетот за брзина.
Линијата Зелениково – Нова железничка станица Скопје ќе се реализира со три возови, според утврден ред на возење на МЖ „Транспорт“.
Во тек се и подготовките за втората и третата линија на „Градскиот воз“. Едната треба да сообраќа од Нова железничка станица преку Бутел и Скопје-Север до Ѓорче Петров, а другата преку Автокоманда и Маџари до Илинден.

