Државниот завод за ревизија утврдил сериозни пропусти во работењето на Бирото за метрологија, меѓу кои и неевидентирани средства вредни околу 2,3 милиони евра, доцнење во фактурирањето и наплатата на услугите, како и неискористување на мобилната лабораторија за контрола на квалитетот на нафтата и нафтените деривати.
Поради констатираните неправилности и неусогласености, ревизорите изразиле неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Бирото за 2024 година, како и за нивната усогласеност со законите и другите прописи.
Еден од клучните наоди се однесува на средствата набавени во претходните години. Според ДЗР, средства во вредност од 145,1 милиони денари, односно околу 2,3 милиони евра, не биле внесени во деловните книги и билансот на состојба на Бирото поради неизвршено примопредавање со тогашното Министерство за економија и труд.
Ревизорите утврдиле и разлики меѓу сметководствената евиденција и фактичката состојба утврдена со попис, кај основните средства во износ од 5,5 милиони денари.
Дополнителен проблем е утврден кај материјалите што Бирото ги користи во секојдневното работење. Во 2024 година биле набавени пломби, жигови, жиг-налепници за верификација и записници во вредност од 4,2 милиони денари, но за нив не била воспоставена соодветна сметководствена и материјална евиденција.
ДЗР забележал слабости и во евидентирањето и наплатата на побарувањата од извршени услуги. Во билансот на состојба на крајот на 2024 година побарувањата од купувачи биле прикажани во износ од 40,5 милиони денари, но кај дел од комитентите биле евидентирани негативни салда од 11,7 милиони денари, поради што ревизорите оцениле дека побарувањата не се реално прикажани.
Проблеми се констатирани и во фактурирањето. Од вкупно 182,9 милиони денари фактурирани услуги за верификација во 2024 година, дури 82 милиони денари се однесувале на барања поднесени во периодот од 2018 до 2023 година. Ова, според ревизијата, укажува на значително доцнење во процесот на фактурирање.
Во текот на 2024 година Бирото остварило вкупни приходи од 122,4 милиони денари од услуги за верификација на мерила, калибрација на еталони и мерила и други услуги. Сепак, ревизорите утврдиле дека управувањето со предметите и наплатата се одвивале без интерна процедура, а не биле определени ниту рокови за распределба, контрола и одобрување на предметите.
Посебно внимание во ревизорскиот извештај е посветено на мобилната лабораторија за испитување на квалитетот на течните горива. Бирото во 2019 година набавило мобилна лабораторија за 37,3 милиони денари, а две години подоцна дополнително инвестирало уште 24,7 милиони денари во опрема.
И покрај инвестицијата од над 62 милиони денари, лабораторијата во текот на 2024 година не била користена за анализи. Причината е што Државниот пазарен инспекторат, со кој Бирото има склучено договор за користење на лабораторијата, не доставил барања за испитување.
Ревизијата утврдила и дека Бирото нема воспоставено евиденција за издадени одобренија за тип на производ и согласности за регистрација, додека дополнителни слабости се констатирани и во контролата на приходите од овластените правни лица.
Имено, овластените правни лица се обврзани да уплаќаат 20 отсто од вредноста на извршените услуги за верификација на мерила. Сепак, според ДЗР, нема јасно утврдени правила за известување, контрола и рокови за уплата.
Известувањето се вршело квартално, додека средствата се уплаќале со задоцнување од шест до девет месеци по истекот на кварталот во кој услугите биле извршени. Според ревизорите, ваквата практика создава ризик од ненавремена и нецелосна наплата на приходите.
За надминување на утврдените слабости, Државниот завод за ревизија дал повеќе препораки до Бирото за метрологија, со цел да се подобрат евиденцијата, контролата, наплатата и користењето на опремата и да се отстранат причините за констатираните неправилности.

