Три подрачни училишта во битолските села Породин, Канино и Дихово во новата учебна година ќе бидат ставени во мирување поради недостиг на ученици, соопшти градоначалникот Тони Коњановски. Истовремено, ќе се оптимизираат и 13 паралелки во осум основни училишта во прво и шесто одделение.
Учениците од училиштата што се ставаат во мирување ќе продолжат со настава во најблиските училишта, а Општината ќе обезбеди превоз. Коњановски нагласи дека училиштата формално не се затвораат и можат повторно да профункционираат доколку има ученици.
Во Поешево и Кременица, пак, подрачните училишта ќе продолжат да работат иако во секое од нив има само по еден ученик, по барање на родителите. Во уште пет подрачни училишта нема запишани првачиња, но наставата продолжува бидејќи има ученици во повисоките одделенија.
Во Општина Битола годинава се запишани 665 првачиња, четири повеќе од лани. Вкупно во основното образование има 6.903 ученици, а во средните училишта 2.914. Од Општината велат дека со оптимизацијата ниту еден наставник нема да остане без работа.

